Улога по мерка на големите играчи

Искуство и вештина
Искуство и вештина / Мастер франшизата не е за почетници. Искуството секако е предност, а најмногу се ценат претприемачите кои веќе имале докажани резултати во продажба, маркетинг или воопшто во водење бизнис
Вторник
26.02.2019
Со купувањето на мастер франшиза, примателите на франшизата од самиот почеток влегуваат во сериозна игра . Иако добивката во тој случај е поголема, многу поголеми се обврските.
 

Мастер франшизата е форма на франшизно партнерство во кое примателот на франшизата добива право од давателот на франшиза да работи и да ја развива мрежата на подружници на точно дефинирана територија, најчесто на ниво на една држава. Примателот на мастер франшиза се однесува како мини-давател на франшиза имајќи во предвид дека е задолжен и за пронаоѓање на нови одделни приматели, нивна обука, а подоцна и постојана поддршка. Заради тоа и не е потребно да се каже дека примателите на мастер франшиза од почетокот влегуваат во сериозна игра, бидејќи од нив се очекува да работат на промоција на брендот, да отворат и да водат барем една работна единица, покрај тоа што ќе работаат на продажба на одделни франшизи и ќе соработуваат со своите идни франшизни партнери од тој пазар.

За ваквиот обем на работа и обврски, јасно е дека влезот во овој потфат за примателите на мастер франшизата треба да биде исплатлив.  Тие и за купувањето на мастер франшизата морале да одвојат и не така мала сума на пари. Но, подоцна ќе можат да сметаат на голем процент од продажбата и работењето на одделните франшизи. Профитот можеби  и навистина е поголем од купувањето на одделна франшиза, но, како што веќе рековме, и обврските се неспоредливо поголеми.

Во што е убавината на мастер франшизата?

Факт е дека компаниите/франшизни системи, кога размислуваат за влез на странскиот пазар најчесто се одлучуваат за давање на мастер франшиза.

Пресметката е едноставна. Ако најдат еден доверлив партнер кој може да ги преземе сите обврски за развивање на мрежата на локално ниво, повеќето предизвици поврзани со тој процес (продажба на одделни франшизи, обука на примателите и подоцна поддршка), ќе бидат полесно надминати и решени. Давателот на франшиза всушност тргнува од тоа дека примателот на мастер франшизата подобро го познава локалниот пазар, дека нема да има јазични или културни пречки и дека многу поефикасно ќе им помогне на одделните приматели на франшиза при вработување на нови работници, во комуникацијата со доставувачите или при преговорите со рентиерите. Секако, за воопшто да дојде до развивање на мрежата, примателот на мастер франшизата и самиот мора да помине обука. Како што налага франшизната практика, давателот на примателот ќе му ги пренесе сите потребни знаења (know-how), сите процедури, стандари и најдобрите практики во работењето.

Но, нема добар партнерски однос без меѓусебна полза.

Со партнер кој е целосно фокусиран на развојот на едно подрачје,  давателот на франшиза добива можност побрзо и со помали вложувања да го освои пазарот.  Од друга страна, пак, со прибирање на надоместок од новите партнери, примателот на мастер франшиза е мотивиран да продаде што повеќе одделни франшизи.  Бидејќи тој е задолжен и за обука и поддршка на идните партнери, ќе биде мотивиран  да бара најквалитетни кандидати, што ја зголемува можноста  за развивање на профитабилна партнерска мрежа.

Покрај тоа што од давателот на франшиза добива практична обука, а потоа и оперативен прирачник со сите проверни процедури за работа, примателот на мастер франшиза може да смета и на други придобивки. Прво, на многу посилен меѓународен маркетинг, но и на комотитетот на  големиот систем бидејќи не мора да размислува за унапредувања, иновации и технологии кои ќе имаат влијание на растот на работењето, бидејќи тоа во најголем дел е  задача на давателот на франшизата.  Сепак, не треба да се занемари ниту тоа дека примателот на мастер франшиза  е партнер на страната која премногу сака да успее, така што  очекува дека даветелот секогаш ќе му биде „при рака“, за сите прашања за работењето.

Постои ли идеален примател на мастер франшиза?

Иако примателите зад себе имаат бренд и систем на кој можат да се потпрат, јасно е дека мастер франшизата не е за секого. Тие кои ќе се одлучат за ваква соработка мораат пред се да имат добра финансиска потпора,  а потоа и силни менаџерски способности. Секако, искуството е предност, а најмногу се ценат претприемачите кои веќе имале потврдени резултати во продажба, маркетинг или воопшто во водење бизнис.  Во пракса, примателите на мастер франшиза  најчесто се големи, силни компании со шаренолико портфолио  на брендови или пак искусни претприемачи кои водат профитабилен бизнис со развиена логистика и инфраструктура. За давателите на франшиза тие се природно идеални партнери.

Во земјите од регионов приматели на мастер франшиза имаат Helen Doron (училиште за англиски јазик), Husse (домашна достава на храна за кучиња и мачки), JumpingClay (продажба на глина и курсеви за кензино моделирање), 5aSec (хемиско чистење), No+Vello (епилација), Pizza Hut (ресторан за брза храна), RE/MAX, Von Poll (недвижнини)...


најчитани

Каков бизнис може да стане франшизата? /26.10.2018

Успешното работење може да доведе до отворање на работилници или филијали, отворање на нови фирми или - по пат на франшиза. Во споредба со првите два начини, деловен развој по пат на франшиза бара помали инвестиции и носи помал ризик.

Дефиниција на франшизинг /17.07.2018

Франшизата е облик на соработка помеѓу независни стопанственици. Давателот на франшиза го нуди својот "know-how" и бренд а за возврат наплатува надомест од примателот на франшиза, кој со тој надомест стекнува право и можност да ја користи докажаната бизнис идеја.

Sara Fashion компанија која освојува /08.11.2019

Ѓорѓи Зорзиќ е меѓу првите кои се заинтересирале за добивање на франшизата на Sara Fashion. Пред точно 10 години отворил франшизна единица во Кавадарци. Ѓорѓи смета дека успехот си доаѓа сам по себе, но најважно од се е да се сака работата, така што неизмерно ќе се вложите во неа, а таа ќе возврати.

Бескрајна приказна /19.07.2018

Митко Андонов ја развива франшизата Jumping Clay во Македонија. Во нашиот разговор тој ни открива каде го гледа најголемиот потенцијал и кои се неговите приоритети во бизнисот.

Полека и сигурно до франшиза /06.07.2021

Доколку водите мал бизнис што може лесно да се „реплицира“, франшизингот е идеален начин за проширување на вашиот бизнис. Сепак, кои се основните предуслови за развој на успешна франшиза?

популарно во форумот