Што е Discovery Day?

Ден за запознавање

Франшизингот најчесто не е уреден со закон, односно во најголемиот број од земјите не постои закон со кој би се уредил франшизингот како однос, туку взаемниот однос  помеѓу давателот и примателот на франшизата се регулира со договор. Таков е случајот и кај нас, но и во целиот регион. Меѓутоа, дури и во тој случај, а особено во случајот на земјите каде постои законска регулатива, постои едно многу важно правило: преддоговорно известување.

Наједноставно речено, многу е важно да се осмисли системот со кој потенцијалниот примател на франжизата (кандидатот) ќе добие прецизни, точни, а пред се објективни информации за  франшизниот систем за кој е заинтересиран. Како и да е уредена оваа материја, со закон или договор,  таа е толку важна што заради потребата што подобро да се уреди настанал и „discovery day“ или  „discovery days“- „ден (денови) за запознавање“.

Ден за запознавање (почесто тоа е само еден ден, па ќе зборуваме во еднина), како што и самото име кажува е ден во кој директно, лице в лице, се среќаваат и „запознаваат“ кандидатот (потенцијален примател на франшиза) и франшизниот систем, односно давателот на франшиза. Со тоа, кандидатот од прва рака може да „изврши инспекција“ и да погледне во самиот систем: како изгледа централата (или продажното место, центарот за поддршка), кои се луѓето кои го преставуваат, каков впечаток остава и сл. Секако, тоа е и можност многу прашања да се постават директно, а одговорите да се добијат лично од преставникот на системот.

Од друга страна, Денот за запознавање е важен и за давателот на франшиза. Тоа  е можност за директно запознавање со оној кој е заинтересиран да работи под негово име. Дополнително, Discovery Day често е и првиот  тест  за кандидатот. Имено, само упорните кандидати ќе бидат подготвени  да учествуваат, бидејќи и самото доаѓање подразбира издвоено време и одредени трошоци, пред се патните, но и сите други трошоци кои одат со тоа...

Нема одредени правила кои важат за Денот за запознавање. Давателот на франшизата самиот ги креира и осмислува. Самиот одлучува дали на кандидатите ќе им ја покаже централата или продажно – услужното место, или пак и двете, а понекогаш и повеќе продажно - услужни места.  Денот за запознавање може да биде осмислен како презентација или едноставно  како разговор на кандидатите со давателот на франизата. На крајот, самиот начин на кој Денот за запознавање е организиран ќе биде еден од показателите за односот на системот кон кандидатите, односно на идните приматели на франшиза.

Од друга страна, кандидатите од овој ден не треба да очекуваат чуда. Како и во реалниот живот, не е необично системот да се подготви за овој вид на запознавање.  Самото тоа што на системот му е важен начинот на кој ќе се престави, едновремено е и маана. Подготовките за оваа пригода ќе ја намалат можноста самиот систем да го видите онаков каков навистина е. Затоа оваа можност треба да се сфати помалку како „инспекција“, а повеќе како можност  создадената слика за системот да се тестира преку директниот контакт.