Место на пазарот за познатата пицерија

Pizza Hut

Pizza Hut е еден од најпознатите гастрономски брендови, под кој денеска работат повеќе од 13.000 ресторани низ светот. Сопственик на брендот е американската компанија Yum! Brands Inc, а негов ексклузивен оператор во централна и источна Европа е полската компанија AmRest. Во август 2016 година AmRest стана примател на мастер франшизата преземајќи ја обврската и понатаму да продава одделни франшизи на Pizza Hut рестораните во Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Бугарија, но и во Србија, Хрватска и Словенија.

Деновиве има и официјални најави  дека AmRest бара одделни приматели на франшиза во Полска, Чешка и Унгарија. На овој начин AmRest  го развива Pizza Hut во другите земји управувајќи ја франшиузната мрежа од стотина ресторани во Франција, 70 во Германија и речиси 30 ресторани во Русија. А како планира да настапува на пазарите од Централна Европа? – Благодарение на франшизниот развој, Pizza Hut ќе ја забрза динамиката на развивање и влегување на брендот на пазарот со отворање на ресторани во помалите места и градови до 80.000 жители... – стои во официјалното соопштение од AmResta.

Какви ќе бидат условите за соработка?

Според расположивите податоци, договорот за франшиза со одделните приматели ќе биде потпишан на 10 години, со можност за продолжување. Според направените пресметки, за отворање на ресторан потребно е да се вложат најмалку 125 илјади долари, а рестораните можат да се отворат во два формата: Express и Delivery. Pizza Hut Express форматот е приспособен за локации во трговски центри, кино сали и бензински станици. Не бара голем простор, најмалку 40 м2. Вториот формат - Pizza Hut Delivery е ресторан со места за седење, но и достава на домашна адреса.  За овој тип на Pizza Hut ресторани се претпочита централно градско подрачје или големи стамбени населби кои имаат добар пристап за гостите и нивните возила. Потребен е простор од 110 до 120 м2.

Примателот има обврска да плати еднократен влезен надомест (за пристапување кон франшизниот систем), кој изнесува 26.000 долари, а потоа и да издвојува по 6 % од прометот за два месечни надоместоци: редовни и за маркетинг. За возврат, примателот ќе може да смета на поддршката на давателот на франшиза при изборот на локацијата, помош при реновирање и подготовки за отворање ресторан, а потоа и за сите прашања поврзани со работењето. Покрај тоа, примателот поминува и низ детална обука и добива пристап до мрежата на проверени доставувачи.

-       Со влегувањето во голема организација како што е AmRest, на примателот на франшиза му е обезбеден пристап до проверени алатки и системите кои го поддржуваат работењето, што е значајна конкурентска предност. Мислам дека всушност таа е и клучна – вели директорот за франшизно работење за брендот Pizza Hut, Дамиан Рибак.

Покрај брендот Pizza HutAmRest Holdings SE е примател и за мастер франшизите за KFC и Burger King, како и ексклузивен носител за развој на Starbucks за овој дел од Европа. Сопственик е и на брендовите La Tagliatella, Blue Frog, KABB, Bacoa и Sushi Shop. Моментно контролира повеќе од 2000 ресторани за брза храна и ресторани за неформален ручек (со конобари) во 26 земји. На пазарот во Србија AmRest е присутен преку брендовите KFC (девет ресторани) и Starbucks (едно кафуле во Белград).

Наташа Богојевиќ
Автор
Наташа Богојевиќ
Уредник

Други концепти од секторот Гастрономија