Од крофнички до франшиза
- Кога ќе ја видите реакцијата на луѓето кога ќе ги пробаат нашите фритули (крофнички), веднаш ви станува јасно дека се посебни - вели создавачот на концептот Јети фритули, Тео Вуковиќ, кој е еден од помладата генерација на семејството Вуковиќ, добро познато во Макарска по одличниот музички вкус, претприемачки дух и гостољубивост.
Покрај тоа што со години го водат култното џез кафуле Yeti и истоимениот хостел, учествуваат и во организацијата на Макарска џез фестивал, а од неодамна станаа познати и по своите „волшебни“ фритули (крофнички). Овој традиционален далматински десерт од пржено тесто кое најчесто се подготвува во време на карневали и празници, го внесе семејството Вуковиќ во нов претприемачки зафат. Сега, со знаењето, искуството и резултатите кои потврдија дека може убаво да се живее и да се заработи од овој вид на мал бизнис, подготвени се своето искуство да го споделат со останатите, преку франшиза.
Малку внимание води кон добар бизнис
Фритулите, како што раскажува Тео Вуковиќ, сосема случајно се нашле во нивниот дотогашен бизнис. – Кога го отворивме хостелот, мајка ми Ловорка навечер помагаше на рецепција и често за добредојде гостите ги послужуваше со фритули кои самата ги подготвуваше. Гостите беа воодушевени од нивниот вкус, како сите што ги пробале – вели тој.
Во почетокот не ни насетувале дека од фритули може да се развие добар бизнис. Но, се се сменило во декември 2016 година за време на прославата на Адвент во Макарска. Семејството Вуковиќ тогаш пред своето кафуле на Плоштадот Качиќ Миошиќ поставиле дрвена куќичка и ја преставиле својата верзија на познатите далматински мини крофнички. – Мама со уште една жена ги подготвуваа фритулите во две фритези. Мислевме дека тоа ќе биде доволно – но не! Пред нашата куќичка постојано имаше голема гужва – се потсетува Тео.
Поучени од ова искуство, веќе следната година ангажирале повеќе лица, вклучиле уште една фритеза и сфатиле дека и тоа не е доволно. – Меѓутоа, уште тогаш забележавме дека нашите фритули заслужуваат посебно внимание, па осмисливме лого и се што доаѓа со бренд, па сега се познати како Jeti Fritule – Mini donuts – објаснува Вуковиќ. Истакнува и дека од година во година додавале нешто ново, го подобрувале концептот. – За следниот Адвент обезбедивме и посебна машина која прави 80 фритули во минута, го приспособивмо рецептот и добивме смеса која може полесно да се користи. Така многу побргу и полесно правевме фритули, послужувавме повеќе луѓе и заработивме повеќе пари – вели Вуковиќ.
Природно е добриот производ да привлекува и многу купувачи. Според интересот и бројот на оние кои се распрашувале дали Јети фритули можат да се купат и преку целата година, семејството Вуковиќ добиле потврда дека работата со малите крофнички може да се прошири и самостојно да опстојува. Изнајмиле мал простор покрај брегот и во 2018 година отвориле сопствен локал.
************
ЗАСЛАДЕТЕ СЕ НА УЛИЦА
(Уличен десерт за гурмани)
Јети фритулите се подготвуваат од еден вид на тесто, но со 10 видови на преливи и 10 видови слатки додатоци може да се добијат 100 различни комбинации, објаснува Тео Вуковиќ. Во понудата има, на пример, фритули со чоколаден прелив и наросени со печени лешници или фритули со прелив од јагоди наросени со кокос... Сите преливи и слатки додатоци се бесплатни, освен лешник и ореви.
Меѓутоа се подготвуваме наскоро да воведеме во понудата и Јети „donut fries“ (помфрит крофна), кој би се правел од истото тесто како и фритулите, со таа разлика што би потсетувале на помфрит. Со тоа планираме да воведеме и Јети смрзнат јогурт, милкшејк, кафе за носење и сокови – потврдува Вуковиќ дека не престануваат со развивањето на концептот и понудите.
*************
Со фритули и франшиза
Отворањето на локалот во Макарска беше и момент на сериозно размислување за развивање и давање франшиза. – Главниот иницијатор повторно беше мајка ми Ловорка, а јас веднаш ја поддржав идејата бидејќи веќе бевме уверени во потенцијалите кои ги нуди производот. Се чини дека навистина имаме вкусен производ, бидејќи, кога еднаш ќе купи од нашите фритули, купувачот повторно се враќа по нови – вели Тео Вуковиќ и истакнува дека само ова може да биде првата препорака за идните приматели на франшиза.
Летово првата франшизна единица е отворена на плажа во Трогир. Интересно е што работеше само 39 дена – пандемијата со коронавирусот како и секаде во светот, на сопствениците на бизнисите целосно им ги смени плановите. – И покрај се, примателите се презадоволни! Тие самите направија мала конструкција, а ние ги опремивме со потребните содржини, им организиравме обука, со што успеаја да го извлечат максимумот за овој краток период на работење – вели Вуковиќ, кој верува дека моментната состојба нема долгорочно да влијае на ширењето на франшизната мрежа.
Отворени се за партнери од домашниот пазар, но и од сите краеви на светот. За почеток, како што вели, би сакале да имаат приматели од блиските европски земји, пред се онаму каде потрошувачите се навикнати на некои локални варијанти на мини-крофнички, слични на далматинските фритули. – Поради тоа, најинтересна би ни била Италија, потоа Шпанија и Холандија, но и Германија, Велика Британија – детален е Вуковиќ.
Рецепт за успех
Кога размислуваат за профилот на идеален кандидат за франшиза, Тео Вуковиќ вели дека тоа, накратко, би биле лица кои сакаат да започнат сопствен бизнис. – Тоа можат да бидат млади семејства, претприемачи кои сакаат да го прошират постојниот бизнис или лица кои сакаат дополнителна заработувачка – вели Вуковиќ.
Вуковиќ нагласува дека е важно примателот да биде одговорна личност, фокусирана на бизнис, која ќе ги почитува насоките и стандардите на франшизниот концепт. – Посебно искуство и знаење не е потребно, поважно е примателот на франшизата да се однесува одговорно и според упатствата на давателот на франшизата – порачува тој и додава дека примателот, со добра и целосна обука, како и со детален оперативен прирачник, ќе биде целосно подготвен самостојно да ја води работата.
Меѓутоа, напоменува дека примателите ќе можат да сметаат и на нивната помош во текот на соработката, од избор на соодветна локација, изработка на планот за просторот, неговото опремување, обука за вработените... – Примателите од нас ќе добијат и 90% од намирниците каде се вклучени најважните: смесата за фритули, преливи, слатки додатоци за поросување, пакувања, стапчиња за фритули, шеќер... За останатите 10% од потребите, ќе добијат насоки што и каде да купат. Сакаме да нагласиме и дека цените на сите суровини ќе бидат приспособени според пазарот, со што секоја од страните ќе биде задоволна и ќе има полза – наведува Вуковиќ.
При изборот на локација, како што вели, треба да се смета на тоа дека за овој вид на бизнис најсоодветни се фрекфентни места. Заради тоа се препорачува места покрај плажа, градски средини со голема раздвиженост на луѓе, ски-центри, саеми и улични манифестации. На примателите, пак, им се нудат три формати на објекти за продажба: мал модул по принципот „се во едно“ кој е соодветен за мали места или во состав на некој одреден објект; како дополнување на понудата: киоск или приколка, целосно опремени, фиксна или подвижна. Фиксниот објект да биде со површина од 7 м2 до 30 м2.
Колку пари ќе треба да вложи примателот за да отвори франшизна единица, зависи токму од видот на форматот за кој ќе се реши. Почетниот влог се движи од 8000 до 20.000-30.000 евра. Во одднос на редовниот франшизен надомест, примателот би имал обврска да издвои само 2 % од прометот, бидејќи смесата за фритули и останатите состојки ги набавува од давателот на франшизата.
- Се на се, нашата франшиза може да биде постојана работа од која може убаво да се живее, но и добра можност за дополнителна заработувачка – истакнува Тео Вуковиќ.
Од видот на продадениот формат и локацијата ќе зависи и бројот на вработени. Искуството покажува дека на многу фрекфентна локација треба да има два до три работници во една смена. Таму каде што прометот е умерен и со помал модул, работата лесно може да ја води и само еден работник во смена. – Летоска, франшизната единица во Трогир имаше една работничка во смена. За време на Адвент, пак, кај нас работаат тројца: еден работник задолжен за тестото, вториот за подготовка на фритулите, а третиот за продажба – дава пример Вуковиќ и додава дека единствено е важно работниците да се добро координирани меѓу себе. – Ние секако организираме обука за примателот и неговите вработени во траење од 7 до 10 дена, а ако има потреба и подолго – вели тој.
На крајот, на своите идни приматели на франшиза им порачува дека со влегување во системот можат да сметаат на три клучни „столба“ кои во голем дел гарантираат стабилност и профитабилност на системот. – Нудиме производ кој по вкусот е без конкуренција на пазарот. Имаме добро воспоставен бизнис и производ кој добро се продава. Со нашата обука, примателот на франшизата ќе биде подготвен за пристојна заработувачка – заклучува Тео Вуковиќ.
погледнете ги текстовите
Франшизниот ланец МЕРОН планира да го прошири својот концепт на кафетерии во сите земју од Европската Унија. Отворени се за соработка и со претприемачите од земјите во регионот.
Првата франшизна единица на сараевскиот ресторан CHIPAS во Босна и Херцеговина се отвара во градот Високо.
Минимален контакт со клиенти, редовна употреба на средства за дезинфекција, и постојана проверка на здравствената состојба на доставувачот - се главните принципи за сигурна достава на храната. Како еден франшизен систем ги применува сите овие принципи во пракса?
Surf'n'Fries, познат по помфрит и оригинална амбалажа, влезе во еден од најпребирливите пазари – американскиот. Како се одвиваа подготовките и какви се реалните можности за развој, открива Андреја Чолак.
Синџирот семејни ресторани Steiku Haoss од Летонија планира да се прошири и на пазарите во светот. Франшизата е достапна и за претприемачите од регионов.
најчитани
Ѓорѓи Зорзиќ е меѓу првите кои се заинтересирале за добивање на франшизата на Sara Fashion. Пред точно 10 години отворил франшизна единица во Кавадарци. Ѓорѓи смета дека успехот си доаѓа сам по себе, но најважно од се е да се сака работата, така што неизмерно ќе се вложите во неа, а таа ќе возврати.
Франшизинг е начин на кој сопствениот бизнис можете да го водите под добро познат бренд! Франшизингот го применуваат и некои од најпознатите светски брендови. Да објасниме што е франшизно работење…
Carwiz е rent-a-car франшизa од Хрватска која продолжува со ширењето на мрежата на неколку континенти. Ни откриваат како го создале франшизниот систем и што е потребно за освојување на светските пазари.
Што подразбира „територијалната ексклузивност“ во франшизингот? Како функционира во пракса? Дали постојат ограничувања и зошто е значајна?
Турскиот малопродажен синџир FLO планира четирикратно да го зголеми бројот на продавници со франшиза ширум светот до 2023 година. На мапата на франшизата се и земјите од овој регион.