Од хокеј до Сабвеј
Не е необично спортисти по завршувањето на професионалната кариера да се впуштат во претприемачките води. Меѓутоа, ако започнуваат со бизнис не е необично да се определат за улогата на инвеститор или сопственик на бизнис од кој вообичаено не се очекува да бидат вклучени во секој процес на дневното работење. Вистинска реткост е, а со самото тоа и куриозитет, да се наиде на оние кои се подготвени без двоумење да ги засукаат ракавите и да прават, да речеме сендвичи. Токму словачкиот хокеар Петер Фрухауф (Peter Frühauf) е еден од нив.
Спортската кариера како професионален хокеар ја градел 20 години. Играл во 11 клубови, се испробал во три лиги во Словачка, Чешка и САД. Како репрезентативец ги бранел боите на Словачка на Светското првенство во хокеј 2010. Од минатата година повторно игра во домашната лига за „Дукла“ од Тренчин. Вели дека од спортската „пензија“ го делат неколку месеци, но веќе не размислува со што ќе го замени хокеарскиот дрес. Имено, пред неколку месеци Фрухауф купи франшиза од брендот Subway (Сабвеј) и од јули 2018 води ресторан во Тренчин.
Како дојде до тоа салата за хокеј да ја замените со ресторан?
Идеата за отпочнување со бизнис, би рекол дојде сосема природно. Како што им се случува на сите професионални спортисти, веќе сум во години кога не можам да речам дека играм добро како некогаш. Сега, на 36 годишна возраст чувствувам дека спортот веќе не ми е се во животот, бидејќи за овие 20 години, колку што се бавам со хокеј, речиси секој момент ми беше подреден на тоа – натпревари, тренинзи, подготовки, но и повреди, време кое ви е потребно да закрепнете и да се подготвите за новата сезона.
Од друга страна и сопругата и јас како професионални хокеари, поголем дел од животот го минавме во странство. Кога наполнив 34 години, одлучивме да се вратиме во Словачка и да ја завршам кариерата каде што ја започнав. Тоа не беше тешка одлука, но кога ќе се вратите природно е да размислуваште – што сега? Што кога еден ден ќе го соблечете дресот? Јас веќе одлучив дека нема да работам како тренер, па затоа со месеци размислувавме и баравме други можности.
Кога еден пријател ни понуди да отвориме и водиме пекарница, започнавме да истражуваме што се нуди во таа индустриска гранка. Така го пронајдовне Subway. Инаку, мојата сопруга играла во клубови во Канада, Шведска и многу добро знаеше за што се работи – едноставно го обожаваше Subway и нивните сендвичи! Со тоа и потрагата беше завршена – веќе не гледавме и не баравме ништо друго, Решивме да ја купиме франшизата на Subway.
Секако се појави и страв како да се влезе во работа со која никогаш не сме се занимавале, без ниту ден деловно искуство. Но сфативме дека купувањето на франшиза подразбира добивање помош и поддршка од регионалниот агент за развој, кој е задолжен за сите партнери на Subway од Словачка. За некој кој започнува ваков бизнис, ова беше голема предност и големо олеснување.
Друга олеснителна околност беше што брзо најдовме локација за ресторан. Влеговме во локал кој веќе неколку години бил затворен и кој од старт делуваше дека не чекаше само нас! (се смее). Покрај тоа, веќе беше подготвен за ваков вид на работа, така што се беше полесно.
Кога на крајот од април заврши сезоната во хокеј, отидовме на обука во Милфорд во САД и веднаш по враќањето во Словачка го отворивме ресторанот. Ни требаа околу два месеца за се – од првиот контакт со агентот за развој до отворањето! Не можам да кажам дека беше лесно, но во сето тоа бескрајно уживавме.
Колку и како сте вклучени во секојдневото работење на ресторанот? Во ваквите бизниси и не се очекува сопственикот да работи се...
Верувале или не, кога сум во ресторанот јас правам и сендвичи!
Иако првобитната идеа беше да вработиме менаџер, а ние да не бидеме премногу вклучени во секојдневата работа, јас имав голема желба да бидам во ресторанот, во непосреден контакт со потрошувачите. Всушност, кој може да гради и одржува подобар однос со купувачите од самиот сопственик? Тоа е негова работа! Така, во ресторанот сум секој ден, освен кога имам натпревар. Мојата сопруга исто така е вклучена, но таа повеќе се занимава со други работи- администрација, вработени, документи.
Се смета дека спортистите со самото тоа што се мотивирани, дисциплинирани, истрајни и знаат да играат по правила, се идеални приматели на франшиза. Според вас, дали овие спортски квалификации ви помогнаа во работата?
Секако. Прво спортот ве учи да играте, но и да живеете според правилата на фер плеј! Тоа особено е важно во екипните спортови како што е хокејот. Бидејќи не е лесно да се биде и да се работи со луѓе секој ден. Да се биде хокеар значи да се биде во голема група на луѓе постојано осум месеци, долги години, секој викенд, секој Божиќ. Од една страна тоа ве зближува и зацврстува како екипа, но од друга, ако не знаете како да се справувате со толку различни карактери и темпераменти, може да ве исцрпи.
Секако, спортот ве учи и на дисциплина и истрајност и тоа навистина ми помогна во бизнисот. Кога започнувате каква и да е работа природно е во почетокот да давате се од себе, да работите како да не постои работно време. Ние, да речеме, првите месеци во ресторанот минувавме и до 15-16 часа дневно. Но спортот ве тренира за толкав напор и ве подготвува за таквата посветеност.
Од тие причини во ресторанот вработивме и неколку млади хокеари. Бидејќи се спортисти, тие веќе се подготвени за повеќето предизвици кои можат да се појават било кога и било каде во живоот. Многу се дисциплинирани, не им е тешко да работат осум часа, се трудат да го решат секој проблем, да се снајдат во ситуации кои бараат брза и вешта реакција. Покрај тоа, тие знаат и како се гради однос со луѓето кои ве поддржуваат – бидејќи спортот не е само посветеност кон играта, туку и кон фановите, навивачите. Знаете дека морате да најдете време за нив, дури и кога не сте расположени, бидејќи тие се секогаш тука за вас – кога победувате, кога губите. И вие сте тука за нив и треба да им покажете дека се посебни. Исто е со купувачите!
И покрај проверените процедури за работа и поддршката на давателот на франшизата, што ја прави сржта на франшизната соработка што многу го олеснува работењето, се согласуваме дека успехот на бизнисот, на крајот од денот, најмногу зависи од вложувањето на тие кои го водат бизнисот – примателите на франшизата. Имате ли Вие некоја посебна стратегија која води до посакуваниот резултат?
Не сум толку долго во овој бизнис за да можам да кажам дека веќе имам „рецепт за успех“. Но, не ми беше потребно ниту многу време да сфатам што е важно, што ја прави разликата. Да речеме, јасно се забележува ефектот и разликата во бројките – кога сум во ресторанот и кога не сум!
Кога јас ги правам и продавам сендвичите секогаш се трудам на своите гости да им понудам нешто несекојдневно, нешто посебно, да им препорачам или укажам на интересни комбинации од состојки и вкусови или едноставно да позборувам со нив. Тоа се мали работи кои моите вработени не можат да ги понудат секогаш. Иако имаме одлични работници, свесен сум дека ова не е нивен бизнис и не можам да очекувам од нив дека со иста жар да ја работат оваа работа како мене. Моите вработени се ќе направат како што треба – ќе ве услужат, ќе бидат пријатни, љубезни, но нема да се осмелат да ги поминат тие граници – ,а најчесто нема да имаат ниту време за тоа. Услугата мора да биде врвна, но брза.
Тоа всушност е и една од причините зошто самите сопственици на бизнис, во случајов приматели на франшиза, треба да бидат вклучени во сите процеси на работењето. Како што веќе нагласив, кој ако не самиот сопственик ќе гради репутација и добар однос со луѓето од кои му зависи успехот?
Од оваа позиција, што би рекле, што е полесно – водењето на хокеарскиот пак или ресторан?
Во моментов би рекол дека можеби е малку полесно да се води ресторан. Но, треба да се има предвид дека ова е нешто сосема поинакво и дека спортот и угостителството не можат да се споредат. Сепак кога ќе погледнам наназад и ќе се потсетам на сите ноќни патувања и долги враќања дома, сите Божиќи кои сум ги минал играјќи на натпревари, а не со своето семејство и кога ќе ги избројам сите скршени коски... (се смее).
Сега едноставно со целото срце сум во бизнисот и искрено уживам во тоа. Не можам да кажам дека е лесно бидејќи угостителството е нешто ново за мене, уште многу работи треба да научам, но и не е толку тешко за да се обесхрабрам.
А кога сето ова го набљудувате од позиција на човек кој неодамна победил во најтешкиот натпревар во животот, ви се чини ли дека се е всушност лесно?
Така е. Пред неколку години ми е дијагностициран рак и тоа се случи непосредно пред раѓањето на нашиот син. Едновремено тоа беше и најубавиот и најтешкиот период во мојот живот. За среќа од таа борба излегов како победник. А кога ќе победиш таков „соперник“, тоа те прави посилен. Се разбира, денеска кога се соочувам со каков и да е проблем, во хокејот или во ресторанот, многу полесно се справувам со тоа. Кога знаете колку тешко може да биде, тогаш за се друго велите „па добро, не е крај на светот, ќе го решиме...“ (се смее).
погледнете ги текстовите
Франшизниот ланец МЕРОН планира да го прошири својот концепт на кафетерии во сите земју од Европската Унија. Отворени се за соработка и со претприемачите од земјите во регионот.
Првата франшизна единица на сараевскиот ресторан CHIPAS во Босна и Херцеговина се отвара во градот Високо.
Минимален контакт со клиенти, редовна употреба на средства за дезинфекција, и постојана проверка на здравствената состојба на доставувачот - се главните принципи за сигурна достава на храната. Како еден франшизен систем ги применува сите овие принципи во пракса?
Приказната за „Јети фритули“ од Макарска е добар пример како од мал семеен бизнис може да се направи франшиза. Како се градел овој концепт, што е потребно за профитабилно работење и кои би биле посакувани приматели на франшизата?
Surf'n'Fries, познат по помфрит и оригинална амбалажа, влезе во еден од најпребирливите пазари – американскиот. Како се одвиваа подготовките и какви се реалните можности за развој, открива Андреја Чолак.
најчитани
Франшизата е облик на соработка помеѓу независни стопанственици. Давателот на франшиза го нуди својот "know-how" и бренд а за возврат наплатува надомест од примателот на франшиза, кој со тој надомест стекнува право и можност да ја користи докажаната бизнис идеја.
Ѓорѓи Зорзиќ е меѓу првите кои се заинтересирале за добивање на франшизата на Sara Fashion. Пред точно 10 години отворил франшизна единица во Кавадарци. Ѓорѓи смета дека успехот си доаѓа сам по себе, но најважно од се е да се сака работата, така што неизмерно ќе се вложите во неа, а таа ќе возврати.
Што подразбира „територијалната ексклузивност“ во франшизингот? Како функционира во пракса? Дали постојат ограничувања и зошто е значајна?
Бугарскиот бренд Brutale кој се карактеризира со елегантни машки костуми шиени по мерка, тргнува во експанзија во Европа. Приматели на франшиза бараат и меѓу претприемачите од овој Македонија.
Турскиот малопродажен синџир FLO планира четирикратно да го зголеми бројот на продавници со франшиза ширум светот до 2023 година. На мапата на франшизата се и земјите од овој регион.